Денеска, во просториите на Владата на Република Северна Македонија, беше извршено примопредавањето на функцијата меѓу досегашниот министер без ресор, Шабан Салиу, и новоназначениот министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Ерџан Демир.
Во рамки на примопредавањето беа разгледани досегашните активности, тековните процеси и проекти, како и приоритетите за наредниот период, со цел да се обезбеди континуитет во реализацијата на политиките и мерките насочени кон унапредување на положбата и целосна инклузија на ромската заедница.
По преземањето на функцијата, министерот Ерџан Демир упати искрена благодарност до претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, за укажаната доверба, поддршката и можноста да ја преземе одговорната должност министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030.
Тој истакна дека функцијата ја прифатил со голема чест, одговорност и силна посветеност, нагласувајќи дека инклузијата, еднаквите можности и унапредувањето на положбата на ромската заедница претставувале важен дел од градењето праведно, современо и просперитетно општество.
Како негов приоритет беше истакната доследната и целосна имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, преку конкретни политики, институционална соработка и мерки што ќе придонесат за подобар квалитет на живот и еднаков пристап до образование, здравство, вработување, домување и други права и можности за ромската заедница.
Воедно, беше нагласено дека во наредниот период ќе продолжи работата со посветеност, енергија и уште поголема одговорност, со јасна визија за градење поинклузивно општество, посилни институции и подобра иднина за сите граѓани на Република Северна Македонија.