Одржана валидациона работилница

Одржана валидациона работилница

Вчера и денес, во хотел „Скардус“ на Попова Шапка, во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Министерството за социјална политика, демографија и млади, се одржа Валидационата работилница посветена на презентацијата и финализирањето на Националните акциски планови за имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030.

Работилницата претставуваше завршна фаза од повеќемесечниот процес на координирана работа и соработка помеѓу институциите, експертите и граѓанскиот сектор, а особено на интензивниот двомесечен период во кој беа изработувани акциските планови во приоритетните области: домување, образование, вработување, здравство, култура, антициганизам, граѓанска регистрација, жени Ромки и девојчиња, млади Роми и социјална заштита.

Во текот на работилницата беа презентирани предложените мерки, активности и индикатори, а учесниците имаа можност да дадат дополнителни препораки и сугестии со цел документите да бидат што поквалитетни, пофункционални и целосно усогласени со реалните потреби на ромската заедница. Во процесот активно учествуваа претставници на државните институции, меѓународни организации, експерти, граѓански организации и други релевантни чинители, кои преку своето знаење, искуство и експертиза дадоа значаен придонес во подготовката на документите.

Беше истакнато дека Националните акциски планови не претставуваат само стратешки документи, туку конкретен патоказ за заедничко дејствување во наредниот период, со јасно дефинирани цели, мерки, активности, рокови и одговорности. Нивната успешна имплементација ќе биде од суштинско значење за постигнување на целите утврдени во Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030.

Присутните ја нагласија важноста од продолжување на меѓусекторската соработка и координација, како предуслов за поефикасно спроведување на предвидените мерки и политики. Беше изразено уверување дека преку заедничка посветеност, одговорност и континуирана поддршка ќе се придонесе кон создавање на поинклузивно, поправедно и поеднакво општество за сите граѓани.

На крајот беше упатена благодарност до сите институции, експерти, организации и партнери кои активно учествуваа во процесот на подготовка и валидација на Националните акциски планови, со очекување нивната успешна реализација да донесе конкретни и одржливи резултати за унапредување на положбата и квалитетот на живот на Ромите во државата.

Мени за пристапност