Кампања „Учам за подобра иднина“ - важноста на образованието

Кампања „Учам за подобра иднина“ - важноста на образованието

Проектот „Учам за подобра иднина“ продолжи во ООУ „Тоде Хаџи Тефов“ – Кавадарци, каде што претставници од Кабинетот на министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030 реализираа средба со учениците од VI до IX одделение.

За време на средбата се разговараше за значењето на образованието како еден од најважните предуслови за личен и професионален развој, како и за можностите што ги отвора понатамошното школување. Учениците беа запознаени со придобивките од редовното следење на наставата, важноста на стекнувањето знаења и вештини, како и со можностите што образованието ги нуди за градење успешна иднина.

Посебен акцент беше ставен на поддршката на децата Роми и нивното активно учество во образовниот процес. Воедно, се разговараше за предизвиците со кои тие се соочуваат во текот на образованието, како и за начините за нивно надминување преку упорност, посветеност и континуирана поддршка од семејството, училиштето и институциите.

Преку отворена и конструктивна дискусија, учениците имаа можност да ги споделат своите размислувања, интереси, желби и планови за иднината. Тие зборуваа за своите амбиции и професиите што би сакале да ги изберат во иднина, при што беше истакнато дека образованието претставува клучен фактор за остварување на нивните цели и соништа.

Претставниците на кабинетот ги охрабрија учениците да продолжат да инвестираат во своето знаење, да веруваат во своите способности и активно да работат на остварување на своите потенцијали. Воедно беше нагласено дека секое дете заслужува еднакви можности за квалитетно образование и личен напредок, без оглед на неговата социјална или етничка припадност.

Воедно, оваа средба претставуваше последна панел-дискусија во рамки на проектот за оваа учебна година. Во текот на изминатиот период, преку бројни средби и разговори со ученици од повеќе училишта низ државата, беа отворени важни теми поврзани со образованието, личниот развој и еднаквите можности за сите деца.

Активностите во рамки на проектот ќе продолжат и во новата учебна година, почнувајќи од септември, со нови посети, панел-дискусии и едукативни средби, со цел да се обезбеди континуирана поддршка и мотивација за учениците да останат на патот на образованието и успехот.

Мени за пристапност