Во Клубот на пратеници во Скопје беа реализирани три обуки на тема „Недискриминација и борба против антициганизмот како форма на расизам“, организирани од Кабинетот на министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, д-р Шабан Салиу, во соработка со Советот на Европа и Romalitico.
Обуките се реализираа во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Интеграција на Ромите – трета фаза“ и претставуваат континуитет на напорите за градење инклузивно и праведно општество. Првата обука беше наменета за наставници и претставници од основното образование, втората беше наменета за професори од средните училишта, додека третата обука ги опфати и воспитувачите од предучилишните установи. Со ова, се обезбеди системски пристап кон јакнење на капацитетите на образовниот кадар на сите нивоа.
Целта на овие обуки беше продлабочување на знаењата за ромската култура, препознавање и разбирање на антициганизмот како специфична форма на расизам, како и зајакнување на капацитетите на наставниот кадар за обезбедување еднаков, правичен и недискриминаторски пристап во образованието.
Преку интерактивни сесии, дискусии и размена на искуства, учесниците се запознаа со историскиот и општествениот контекст на ромската заедница, како и со практични пристапи за препознавање и спречување на антициганизмот во образовната средина, придонесувајќи кон создавање поинклузивна и недискриминаторска образовна средина.