Министерот Ерџан Демир во Хрватска на одбележувањето на Самударипен

Министерот Ерџан Демир во Хрватска на одбележувањето на Самударипен

Во периодот од 1 до 3 август 2026 година, на покана на г. Вељко Кајтази, пратеник во Хрватскиот сабор, министерот во Владата на Република Северна Македонија, г.Ерџан Демир, присуствуваше на централното одбележување на 2 Август – Меѓународниот ден на сеќавање на ромските жртви на Холокаустот (Самударипен), како и на придружните настани организирани во рамки на програмата во организација на Сузана Крчмар и здружението КАЛИСАРА.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше на промоцијата на книгата „Крвава киша“ од авторот Ешеф Бајриќ, како и на премиерата на првиот дел на краткометражниот документарен филм „Трагови тишине“, кој го обработува страдањето, прогонот и егзекуцијата на Ромите за време на Втората светска војна.

На централната комеморација присуствуваа претставници на државните и локалните власти на Република Хрватска, пратеници, претставници на институции, дипломатскиот кор, меѓународни организации, ромски организации и бројни гости од регионот и пошироко. Настанот испрати силна порака за важноста од зачувување на историската вистина, негување на културата на сеќавање и заедничка борба против дискриминацијата, говорот на омраза и сите облици на нетолеранција.

Во рамки на посетата, министерот оддаде почит и во Меморијалниот центар Јасеновац, едно од најзначајните места на сеќавање на жртвите на усташкиот режим. Со положување цвеќе и оддавање почит пред спомен-обележјата, беше изразен длабок пиетет кон илјадниците невино убиени Роми, Евреи и припадници на други народи кои ги загубија своите животи во логорот Јасеновац.

Министерот истакна дека сеќавањето на Самударипен не претставува само почит кон жртвите, туку и трајна обврска на сите општества да ја зачуваат историската вистина, да ги промовираат човековите права и достоинството и никогаш да не дозволат ваквите злосторства да се повторат.

Истовремено, тој нагласи дека културата на сеќавање треба да биде темел за градење општества во кои секој човек, без оглед на својата припадност, ќе биде почитуван и ќе има еднакви можности. Борбата против анти-ромизмот, дискриминацијата, говорот на омраза и сите форми на нетолеранција претставува заедничка одговорност на институциите и на целото општество.

Одбележувањето на Самударипен е и потсетник дека историската вистина мора да се пренесува на идните генерации, за никогаш да не се заборават жртвите и за трагедиите од минатото никогаш да не се повторат.

Мени за пристапност