Министерот без ресор, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Ерџан Демир, оствари работна средба со Народниот правобранител.
Во фокусот на средбата беа заштитата на правата на Ромите, еднаквиот пристап до образование, здравство, вработување, домување и социјална заштита, како и доследното спроведување на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030.
Министерот Демир истакна дека институциите мора да работат координирано и со конкретни резултати, со цел секој граѓанин да има еднакви можности и пристап до своите права.
„Инклузијата не е само стратешка определба – таа мора да биде видлива во секојдневниот живот на граѓаните. Нашата обврска е да обезбедиме институциите да постапуваат навремено, одговорно и еднакво кон сите.“
На средбата беше потврдена заедничката определба за посилна институционална координација, навремено решавање на проблемите и унапредување на заштитата на правата на ромската заедница.