Министерот задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, Ерџан Демир, беше гостин во Ромската редакција „Бијандипе“, каде што разговараше за актуелната состојба на ромската заедница во Република Северна Македонија, предизвиците со кои се соочуваат Ромите, како и за приоритетите и активностите насочени кон унапредување на нивната положба во општеството.
Во текот на разговорот беа разгледани повеќе прашања поврзани со спроведувањето на политиките за инклузија на Ромите, потребата од поефикасна координација со надлежните институции на централно и локално ниво, како и значењето на воспоставувањето континуирана и функционална соработка со меѓународните организации и партнерите кои работат на унапредување на правата и положбата на ромската заедница.
Посебен акцент беше ставен на улогата на институциите во препознавањето и решавањето на потребите на Ромите, како и на потребата од поголема меѓусебна координација при планирањето и спроведувањето на конкретни активности. Беше истакнато дека унапредувањето на положбата на ромската заедница бара заеднички пристап, институционална одговорност и активно вклучување на сите релевантни чинители.
Министерот Демир се осврна и на значењето на соработката со меѓународните организации, особено во делот на обезбедување поддршка, размена на искуства, развивање иницијативи и реализација на проекти кои ќе придонесат кон подобрување на условите за живот на Ромите.
Во оваа насока, како значајна активност беше истакнато и учеството на министерот Ерџан Демир на 19. Европска платформа за инклузија на Ромите, одржана во Даблин, Ирска, каде што беа отворени прашања од значење за унапредување на ромската инклузија, размена на искуства и зајакнување на соработката со европските институции и меѓународните партнери.
Во разговорот беше нагласена и важноста од континуиран дијалог со ромската заедница, граѓанските организации и медиумите, како значајни партнери во отворањето на прашања од јавен интерес, информирањето на граѓаните и следењето на напредокот во областа на ромската инклузија.
Министерот Ерџан Демир останува посветен на унапредување на институционалната и меѓународната соработка, со цел спроведување на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030 и создавање услови за еднакви права, можности и целосна вклученост на Ромите во општеството.