Денес беше остварена средба со градоначалникот на Општина Прилеп, г-дин Дејан Проданоски, кој ги прими претставниците пријатно и изрази искрена подготвеност за соработка и поддршка на ромската заедница во општината.
На средбата се разговараше за актуелната состојба на Ромите во Прилеп, предизвиците со кои се соочуваат, како и нивните приоритетни потреби. Во конструктивна атмосфера беа разгледани можностите за подобрување на условите за живот, особено во делот на инфраструктурата и пристапот до основни услуги.
Воедно, градоначалникот беше информиран за актуелниот повик за инфраструктурни проекти, кој претставуваше значајна можност за инвестирање во заедниците каде што живеат Ромите.
Оваа средба претставуваше важен чекор кон зајакнување на соработката со локалната самоуправа, со заедничка цел за подобрување на квалитетот на живот на ромската заедница.
Како продолжение на теренските активности, беше остварена средба и со секретарот на Општина Битола, Борче Димитровски, на која се разговараше за предизвиците со кои се соочува ромската заедница, особено во делот на инфраструктурата и урбанистичкото планирање.
Посебен акцент беше ставен на прашањата поврзани со донесувањето на ГУП и ДУП, како и влијанието што овие процеси го имаат врз условите за живот на граѓаните. Беше согледано дека станува збор за комплексен проблем кој бара координиран пристап, институционална посветеност и долгорочно планирање.
Во разговорот беше нагласена потребата од зајакната соработка помеѓу централната и локалната власт, со цел изнаоѓање одржливи решенија кои ќе одговорат на реалните потреби на заедницата.