Во кабинетот на министерот без ресор, Шабан Салиу, задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, се одржа значајна дискусија организирана во соработка со Амбасада на Кралството Шпанија во Скопје, посветена на унапредувањето на правата на ромската заедница и процесите на европска интеграција.
На средбата присуствуваа амбасадорот на Кралството Шпанија, Н.Е. Рафаел Сориано Ортиз, како и Фабијан Даниел-Санчез, долгогодишен активист, експерт и застапник на ромските права и политиките за социјална инклузија.
Преку размена на искуства, успешни модели и добри практики од Кралството Шпанија, беше отворен конструктивен дијалог за предизвиците и можностите поврзани со социјалната инклузија, домувањето, образованието, вработувањето, здравствената заштита, борбата против дискриминацијата и културната афирмација на ромската заедница.
Во текот на разговорите беше нагласена важноста од креирање одржливи политики кои ќе овозможат поголема институционална поддршка, активно учество на младите Роми и зајакнување на партнерството помеѓу државните институции, граѓанскиот сектор и меѓународните организации.
Соговорниците истакнаа дека европските искуства и меѓународната соработка претставуваат клучен фактор во унапредувањето на еднаквите можности и создавањето инклузивно општество во кое секој граѓанин ќе има пристап до образование, достоинствен живот и еднаков третман.
Беше заклучено дека ваквите средби претставуваат значаен чекор кон продлабочување на соработката, размена на експертиза и градење заеднички иницијативи за подобра иднина на ромската заедница и за забрзување на европските интегративни процеси на државата.