Денес, во својство на министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, имав особено задоволство да ги посетам најмладите ученици од ромската заедница во Основното општинско училиште „Јашар беј“ во Општина Чаир, каде што им доделивме училишен прибор на првачињата Роми, со цел да им го олесниме почетокот на нивното образовно патување и да им дадеме дополнителна мотивација за новите предизвици што ги носи училишниот живот.
Оваа донација е обезбедена со поддршка на Амбасадата на Народна Република Кина, предводена од Н.Е. амбасадорката Џијанг Сјаојен, на која упатувам искрена благодарност за покажаната солидарност, хуманост и посветеност кон најмладите. Ваквите иницијативи се доказ дека преку заедничка соработка, меѓусебна поддршка и искрена грижа можеме да придонесеме за создавање подобри услови за образование и развој на децата.
За секое дете, првиот училишен ден претставува почеток на едно ново поглавје, исполнето со љубопитност, надеж, нови пријателства и можности за стекнување знаења. Токму затоа, важно е секое дете да го започне овој пат со чувство на сигурност, поддршка и еднаква можност да ги оствари своите соништа. Училишниот прибор можеби е мал чекор, но зад него стои голема порака – дека децата се важни, дека нивното образование е наш приоритет и дека никое дете не смее да биде оставено настрана.
Образованието е еден од најзначајните влогови во иднината на секое дете и темел врз кој се градат знаењето, самодовербата, личниот развој и можностите за подобар живот. Нашата должност како институции е да работиме посветено на отстранување на пречките со кои се соочуваат децата, да создаваме услови за нивно непречено образование и да обезбедиме еднаков пристап до можностите, без разлика на нивното потекло или социјалната положба.
Како Кабинет задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022–2030, остануваме посветени на унапредувањето на образовната инклузија на ромските деца, на поттикнувањето на редовното посетување на наставата и на создавањето услови во кои секое дете ќе има можност да напредува, да ги развива своите способности и да ја гради својата иднина.
Верувам дека само преку заедничка работа на институциите, училиштата, родителите, меѓународните партнери и целото општество можеме да изградиме средина во која различностите ќе се почитуваат, еднаквоста ќе се практикува, а секое дете ќе добие поддршка каква што заслужува.
Децата се нашата иднина, а нивната иднина започнува со образованието, грижата и можностите што им ги обезбедуваме денес. Затоа, наша обврска е постојано да бидеме покрај нив, да ги охрабруваме, да им помагаме и да им покажеме дека не се сами на патот кон остварувањето на своите соништа.
Продолжуваме со посветена работа, соработка и конкретни активности за подобра иднина за сите деца