Претставници на Кабинетот на МИСР на увид во населбата Момин Поток
Претставници на Кабинетот на министерот без ресор задолжен за интеграција и имплементација на Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, д-р Шабан Салиу, ја посетија населбата Момин Поток, сместена на улица Андреј Чупов во Скопје. Целта на посетата беше да се изврши увид во актуелната состојба на жителите на ова населено место.
По извршениот увид, утврдено е дека жителите на Момин Поток се соочуваат со тешки животни услови, кои во значителна мера ги отежнуваат задоволувањето на основните животни потреби, како што се пристап до чиста вода за пиење, здравствена заштита, домување, образование и безбедност. Условите за живеење се под значително пониско ниво од пропишаните стандарди за соодветно домување. Јасно е дека жителите се наоѓаат во правно и имотно неизвесна ситуација, бидејќи не поседуваат документи за сопственост на своите домови и живеат на подрачје што не е вклучено во урбаното планирање. Дополнително, овие домови немаат основна инфраструктура, а услугите на државните институции им се недостапни или тешко достапни.
Жителите информираат дека има околу 18 домови, користат неатестирани подземни води, не располагаат со канализација и се соочуваат со високи сметки за индустриска струја, кои изнесуваат и повеќе од 12.000 денари. За санитарните потреби користат импровизирани тоалети, како септички јами, за чие прочистување, исто така, плаќаат високи суми.
Во наредниот период ќе се разгледа можноста за обезбедување инфраструктурна, канализациона и водоводна мрежа, како и можноста за системско и трајно решавање на проблемот со домувањето и комплетна документација за истото.

