Министерот Салиу на конференција на тема „Подобрување на квалитетот на знаењето и редовноста на децата Роми во основните училишта“
Здружението центар за образовна поддршка, „ДЕНДО ВАС“, одржа конференција на тема „Подобрување на квалитетот на знаењето и редовноста на децата Роми во основните училишта“.
Салиу истакна дека Националниот акциски план за образование, кој што произлегува од Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030, претставува конкретен и остварлив патоказ.
„Преку доделување стипендии за учениците, обезбедување учебници, поддршка преку образовни медијатори, бесплатен превоз, ужини и социјални услуги, резултатите се веќе видливи - зголемен е бројот на запишани дечиња во училиштата, намалена е стапката на напуштање на училиштата, а родителите имаат поголема доверба во образовните институции. Но, тоа не е доволно.“ - вели Салиу
Потребно е координирано делување на сите нивоа на Владата, општините, училиштата, граѓанските организации и самите заедници. Потребна е посветеност, но и храброст - храброст да се прекинат досегашните практики што доведуваат до сегрегација и нееднаквост, и наместо нив да се изградат модели засновани на почит, соработка и разбирање.
Образованието не смее да биде привилегија – тоа мора да биде загарантирано право! Ромските деца не смеат да останат заборавени и оставени на маргините на општеството. Нивниот успех е успех на сите нас!
